Многумина знаат за аутизам. На пример, некои мислат дека аутистичните луѓе се мажи со светол тен кои зборуваат со монотон глас и постојано продолжуваат со истата тема. Некои мислат дека аутистичните луѓе не разликуваат добро и лошо, губат внимание и обично кажуваат погрешни нешта во погрешно време. Некои мислат дека аутистичните луѓе се асоцијални и немаат смисла за хумор и емпатија. Ако се сложувате со ова што го реков, жал ми е што ќе ви речам, но ја немате вистинската слика за аутизмот. Како знам? Бидејќи јас имам аутизам. Имам свои опсесии со нешта како електроника и јавен превоз, но тоа не ме дефинира. Секој од нас е различен и единствен на свој начин. Сепак, нема многу информации за тоа како изгледа аутизмот, па луѓето често користат стереотипи. Ова најчесто го гледаме во медиумите. Најчестите стереотипи прикажани на медиумите се асоцијално однесување и недостиг на емпатија, па дури и бидувањето супер генијален. Непознавањето на аутизмот не застанува тука. Знаете дека некои луѓе се обидуваат да најдат лек за аутизам? Бидејќи на тоа гледаат како нешто негативно, како болест. Многумина се спротивставуваат на таа идеја и што се однесува на нас, ние сметаме дека аутизмот не е болест. Тоа е само еден поинаков начин на размислување и поглед кон светот. Нашиот ум функционира поинаку од умот на другите луѓе. Како да споредувате ИксБокс и Плејстејшн. И двете се моќни конзоли оспособени за различни програмирања. Но, ако ја ставите вашата ИксБокс игра на Плејстејшн, нема да функционира бидејќи Плејстејшн работи на друг принцип. Кога погледнувам во огледало, гледам некој кој размислува поинаку. Ах, истотака гледам и убава коса. (смеа) (аплауз) Но, прашањето е: дали навистина имам болест ако само размислувам поинаку? Најголемиот проблем да се биде аутистичен во денешниот свет е тоа што светот не е изграден за нас. Постојат многу нешта што можат да не` вознемират. На пример, нешто што ме вознемирува цело време е гласната бучава, што значи никогаш не слушам многу гласна музика и не сум љубител на големи забави. Но, некои други луѓе со аутизам можат да се вознемират од други нешта, како силна светлина или остар мирис или лепливи смеси сите тие имаат потенцијал да создадат вознемиреност. Помислете на сите друштвени собири на кои сте биле во минатото. Имаше гласна музика? Имаше силно осветлување? Се чувствуваа различните мириси на храна истовремено? Разговараа многумина истовремено? Овие состојби може не ве вознемируваат вас, но за некој со аутизам тие се навистина вознемирувачки. Во такви ситуации ние правиме така наречена автостимулација, нешто налик на повторливи движења или звуци или друг вид на гестикулација која не секогаш изгледа нормално. Некои луѓе мавтаат со рацете или испуштаат звуци или се вртат. Да, во основа, тоа е нашиот начин да се исклучиме. Честопати ни е потребно да се самостимулираме. Но, честопати го исмеваат тоа и мораме да го криеме. Кога сме приморани да ги криеме аутистичните карактеристики, тоа се нарекува маскирање. Некои луѓе се маскираат подобро од други. Некогаш толку добро се маскирам што не се забележува дека имам аутизам додека не се разоткријам. Но, на крајот од денот навистина е стресно. Дури и пишувањето на домашната работа навечер станува многу заморно. Некои луѓе мислат, поради нашата способност да се маскираме, дека тоа е лекот за аутизам. Меѓутоа, тоа само нè прави да се срамиме да ја покажеме нашата вистинска личност. Друг стереотип кој се поистоветува со аутизам е дека аутистичните луѓе немаат емпатија. Повторно, ова не е точно. Јас всушност имам многу емпатија. Само не умеам тоа да го покажам. Кога некој пријател се обидува да ми каже за тешкотиите низ кои минува, честопати не знам како да го изразам мојот одговор. Затоа не покажувам толку емпатија како моите не-аутистични пријатели. Емоционалното изразување, без разлика во кој обем, претставува тешкотија за мене. Тоа е затоа што горам од внатре од секоја емоција која другите ја чувствуваат цело време. Иако, се разбира, не умеам да ја изразам како другите. Да речеме, на пример среќата, излегува како голем наплив на радосно збивтање, мавтање со рацете и гласно извикување „ухуууу“. (смеа) Додека вие само се смеете. (смеа) Без разлика дали добивам прекрасен роденски подарок или слушам трагична приказна на вестите, јас навистина не умеам да одговорам без наплив, и затоа се маскирам за да изгледам нормално. Моите внатрешни чувства се неограничени, но мојот ум ми дозволува да се изразувам во крајности или никако. Моите... не сум умешен со моите емоции и комуницирам на различен начин, и поради тоа ја имам дијагнозата Аутистичен спектар на нарушувања. Дијагнозата ми помогна мене и на моите блиски да разбереме како функционира мојот ум. Во светот, приближно еден процент од населението има дијагноза на Аутистичен спектар на нарушувања. Овој број е во пораст. Но, сѐ уште сме во многу мал број. Има многу луѓе кои не нè гледаат како еднакви со другите луѓе. Ова е моето семејство. Во моето семејство, има уште една аутистична личност. Мојата мајка. Да, и возрасни жени можат да бидат аутистични. Тако ми и брат ми немаат аутизам. Понекогаш ни е тешко да комуницираме меѓусебе. Понекогаш ќе речам, на пример, „ Железничката во Торонто, нели?“ и мислам дека им помагам да запаметат одредени аспекти. Кога ќе се збунат, морам да им објаснам што мислам. Секогаш мораме да кажуваме нешта на различни начини за да разберат сите. Но, и покрај сево ова, се сакаме еден со друг и се почитуваме како еднакви. Во книгата „НевроПлемиња“, авторот С.Силберман вели дека аутизмот и другите ментални состојби треба да се сфатат како природни и човечки, како природен дел од човечкиот спектар, а не како дефект. Со ова целосно се согласувам. Ако аутизмот се сфати како дел од човечкиот спектар, тогаш светот ќе може да се дизајнира за да биде подобар за аутистичните луѓе. Јас не се срамам од мојот аутизам. Можеби не размислувам како вас, може не се однесувам како вас, но јас сум човек и не сум болен. Ви благодарам! (аплауз)